Главна секција Буџетот ќе го одложи распуштањето на Собранието

Буџетот ќе го одложи распуштањето на Собранието

Собранието, сепак, нема да се распушти на 12 октомври, туку на некој друг датум, но најдоцна до 27 овој месец, дознаваме од извори во Собранието.

Првата причина е што собраниската расправа за буџетот за 2017 година сè уште не е завршена. Документот сè уште се разгледува на собраниските комисии, а допрва ќе треба да се стави на дневен ред на пленарна седница, на која пратениците пет дена ќе треба да расправаат за буџетот.

За да се распушти Собранието, исто така, треба некој пратеник или пратеничка група да поднесе иницијатива за распуштање за да може претседателот на законодавниот дом да ја стави на дневен ред.

И пратеникот Павле Трајанов, кој вчера поднесе два закони во редовна собраниска процедура, вели дека Собранието може да се распушти најдоцна до 27 октомври.

– Околу временскиот теснец, можам да кажам дека во Собранието сè повеќе се зборува дека распуштањето нема да се случи на 12 октомври, туку тоа би се случило некаде најдоцна до 27 октомври. Причината за ова е поднесениот предлог-буџет за 2017 година, кој доколку Собранието се распушти на 12 октомври, нема да може да ја помине собраниската процедура – вели Трајанов.

Според тоа што партиите го зацртаа во Договорот од Пржино, Собранието треба да се распушти од 45 до 60 дена пред одржување на изборите. Засега, се очекува изборите да се одржат на 11 декември оваа година.