Свет Европа Бројот на жртви во Џенова се зголеми на 35, 16 лица се...

Бројот на жртви во Џенова се зголеми на 35, 16 лица се повредени, а десетина исчезнати

Италијанските власти потврдија дека бројот на загинатите при уривањето на надвозникот кај Џенова се искачи на 35, меѓу кои има и три деца, а 16 луѓе се во тешка состојба. Десетина се водат за исчезнати. Во Лигурија денеска ќе биде прогласена вонредна состојба.

Според официјалните соопштенија во моментот на уривањето, на мостот се наоѓале 30 до 35 возила. Дел од нив се уште се наоѓаат под урнатините.

Исто така во уривањето настрадале и неколку куќи, а евакуирани се околу 440 жители од околните згради во непосредна близина на мостот.

Италијанските медиуми пренесувајќи ги изјавите на официјалните лице објавија дека бројот на жртви најверојатно ќе расте. Досега од под уранатините се спасени четири лица кои биле извлечени живи. Министерството за транспорт објави дека ќе го урне и другиот дел од мостот.

– Ваков мост не се урива ни од невреме, ни од молњи, мора да ги пронајдеме виновниците- изјави заменик министерот за транспорт Едоардо Рикси.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте го посетил местото на несреќата и за италијанската телевизија РАИ изјави дека е „шокантно да се види урнат мост и жртвите кои спасувачите ги извлекуваат“ и ги пофали стотината спасувачи кои на местото на несреќата ги спасувале луѓето кои паднале од 45 метри висина.

Голем број очевидци изјавија дека непосредно пред несреќата што се случила околу 11.30 часот по локално време, во мостот удрил гром. Тие сведочеа дека уривањето изгледало како апокалиптична сцена.