Македонија Бројот на разводи лани пораснал за 22,8 отсто, тој на склучени бракови...

Бројот на разводи лани пораснал за 22,8 отсто, тој на склучени бракови поголем за 2,4 отсто

Бројот на разводи во нашата земја расте со позасилено темпо од склучените бракови. Државниот завод за статистика во 2019 година регистрирал 1.990 разведени бракови, што претставува зголемување од 22,8 отсто во однос на претходната година. Лани пак биле склучени 13.814 бракови, односно за 2,4 отсто повеќе во однос на 2018 година.

Податоците покажуваат дека најатрактивен месец за склучување бракови бил август, кога 1.747 од паровите се одлучиле да прават свадба. Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26,9 години за невестата и 29,7 години за младоженецот. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,3 отсто за жените и 92,1 отсто за мажите. Во втор брак со учество од 7,4 отсто и трет брак со учество 0,6 отсто, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите.

Најлош месец пак за брачниот живот се чини дека е ноември, кога е забележан најголем процент на разведени бракови. Во овој месец биле разведени 244 брака, или 12,3 отсто од вкупниот број за 2019 година. Според траењето на бракот, најголемиот број разводи, односно 430 или 21,6 отсто се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Статистичките податоци за 2019 година покажуваат дека браковите најчесто се распаѓаат на возраст од 30 до 44 години кај сопругот и сопругата.