Македонија Бројот на починати од почетокот на пандемијата до сега надмина 6.500 лица

Бројот на починати од почетокот на пандемијата до сега надмина 6.500 лица

Фото: Vladimir Fedotov on Unsplash

Во последните 24 часа се регистрирани 491 нови случаи на ковид-19 од направени 3.747 теста. Како последица на болеста починаа 16 лица, информира Министерството за здравство во редовното соопштение со бројки за текот на пандемијата. Воедно пријавени се уште 6 починати лица кои починале изминатата недела. Со тоа, вкупната бројка на починати од ковид-19 во земјата надмина 6.500 лица.

Најголем број од новите позитивни случаи, очекувано, се од Скопје – 232, потоа од Куманово – 41, Штип – 26, Велес – 20, а во останатите градови има помал број на регистрирани новозаболени.

Оздравеле 416 пациенти, од кои најмногу од Скопје – 214, потоа 70 од Струмица, 23 од Куманово итн.

Осуммина од починатите 16 се од Скопје, тројца од Куманово, и по еден од Струмица, Тетово, Охрид, Штип и Берово. Сите починале во болнички услови, а биле на возраст од 45 до 88 години.

Од Министерството за здравство велат дека, согласно регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19, пријавени се уште 6 починати, но со датум на смрт во периодот од 14 до 20 септември.

„Овие починати лица се: по 2 од Скопје и Штип и по едно починато лице од Струга и Кичево. Починатите се на возраст од 54-83 години, од кои 3 лица починале во болнички услови, додека 3 лица се починати во домашни услови“, се вели во соопштението од ресорот здравство, но нема повеќе детали во однос на прашањето зошто овие шестмина починати се подоцна пријавени.

Досега во земјата се направени вкупно 1.261.880 тестови за ковид-19. Од почетокот на пандемијата вкупно се регистрирани 188.113 случаи на коронавирус, 169.116 оздравени, и 6.511 починати. Бројот на активни случаи во моментов изнесува 12.486.