Македонија Бројот на пациенти намален, затворена е модуларната болница при Инфективната клиника во...

Бројот на пациенти намален, затворена е модуларната болница при Инфективната клиника во Скопје

Паркингот пред Ковид-амбулантата на Инфективна клиника. Фото: Вистиномер, 24 август 2021

Од Клиниката за инфективни болести при Клиничкиот центар во Скопје ги демантираат вчерашните медиумски написи дека била избегната хаварија со електричната енергија поради прокиснување на покривот.

„Во модуларната болница немало никаква хаварија, бидејќи ниту се случила поплава во болницата, ниту вода била во допир со струјата. На едно место се појавило мало количество на водени капки, но во ниту еден миг не биле во допир со електричната енергија“, наведуваат од Инфективната болница во дописот испратен преку Министерството за здравство.

Модуларната болница е помошно инфективно одделение, а од пуштањето во употреба три пати беше отворана и затворана согласно потребите за третирање пациенти. Во еден период во модуларната болница се одвиваше и вакцинација на здравствените работници, појаснуваат од Клиниката за инфективни болести.

На Клиниката во моментов се хоспитализирани 87 пациенти, а капацитетот на самиот објект е 100 болнички кревети, додека модуларната болница е помошно инфективно одделение со 70 болнички легла.

„Инфективна клиника ја става во употреба модуларната болница кога е исполнет капацитетот на Клиниката и другите ковид болници во градот. Во последниот период доволниот број на слободни места овозможи затварање на модуларната болница. Модуларната болница во моментов се дезинфицира и се спроведуваат стандардни процедури за нејзино одржување“, информираат од Инфективната клиника.

Поради намалување на бројот на хоспитализации во изминатиов период затворени се и други ковид центри во склоп на Клиничкиот центар во Скопје, како и низ државата, во функција на рационално користење на ресурсите и здравствените работници.