Подглавна секција Британските судии бараат гаранции од САД дека Асанж нема да добие смртна...

Британските судии бараат гаранции од САД дека Асанж нема да добие смртна казна ако биде екстрадиран

Британскиот суд им даде на САД рок од три недели за да обезбедат гаранции. Ако на Асанж му биде одбиена дозволата за жалба, тој би можел да биде екстрадиран во рок од неколку дена и да се соочи со обвиненија за шпионажа

Фото: Alisdare Hickson, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Британскиот суд ја одложи својата одлука за екстрадицијата на Џулијан Асанж во САД. Основачот на Викиликс доби одложување на борбата против екстрадицијата, откако судиите одлучија дека тој може да го однесе случајот на жалбена расправа, но само доколку администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не може да му даде на судот соодветни гаранции, јавуваат британски медиуми.

Британскиот суд им даде на САД рок од три недели за да обезбедат уверување за овој случај. Судот, всушност, бара американски гаранции дека нема да има смртна казна за Асанж и дека тој ќе може да се потпре на правата за слобода на говорот, јавува Би-би-си.

Судијката Викторија Шарп како доказ за ризикот дека Асанж во САД може да биде обвинет за дело што предвидува смртна казна, меѓу другото, ги наведе и „повиците за наметнување смртна казна од водечки политичари и други јавни личности“, како и договорот меѓу Обединетото Кралство и САД кој не исклучува екстрадиција поради обвиненија за смртна казна.

Ако на Асанж му биде одбиена дозволата за жалба, тој би можел да биде екстрадиран во рок од неколку дена и да се соочи со обвиненија за шпионажа.

На дводневното рочиште минатиот месец, на кое Асанж не присуствуваше од здравствени причини, неговите адвокати тврдеа дека тој ќе се соочи со „флагрантно негирање на правдата“ доколку биде екстрадиран во САД.

Асанж во Соединетите држави ќе се соочи со обвиненија поврзани со објавувањето на илјадници доверливи и дипломатски документи на Викиликс во 2010 и 2011 година, за кои се тврдеше дека откриваат тортури, вонсудски убиства и воени злосторства.

Неговата сопруга Стела Асанж изрази вознемиреност и чудење од одлуката на судиите и ги повика САД „да се откажат од овој срамен случај“.

„Овој случај е одмазда. Тоа е сигнал до сите вас дека ако ги разоткриете интересите што поттикнуваат војна, тие ќе ве следат, ќе ве стават во затвор и ќе се обидат да ве убијат“, изјави Стела Асанж на прес-конференција, а пренесе Гардијан.

Следното сослушување е закажано за 20 мај, кога треба да биде одлучено дали САД ги исполниле условите што ги побара британскиот суд.