Свет Балкан Британскиот амбасадор во Атина бара Македонија и Грција да не заборават на...

Британскиот амбасадор во Атина бара Македонија и Грција да не заборават на преговорите за името

Преговорите за мерките за градење доверба не треба да ги стават во сенка преговорите за името. Ова е ставот на британскиот амбасадор во Атина, Џон Китмер, кој во интервју за весникот „Катимерини“ ја анализира економската ситуацијата во Грција и прашањата од нејзината надворешна политика.

Според Китмер, Британија со голем интерес ја следи најавата на грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕиас, за претставување листа со мерки за градење доверба кои ќе ја засилат довербата меѓу двете страни.

– Коѕиас и Никола Попоски разговараа за можноста за усвојување мерки за градење на довербата и тоа е позитивно, но не треба да доведе до одложување на суштинскиот разговор, односно преговорите за спорот за името – вели Китмер за „Катимерини“.

Китмер посочува дека иако грчките власти тврдат дека Грција е стабилна држава во нестабилен регион, сепак Грција продолжува да има отворени билатерални прашања со соседните држави, како Македонија. Според британскиот амбасадор, прашањето е што сака да направи Грција во врска со ова отворено прашање за името, посочувајќи дека неговото решавање ќе помогне Грција да изгледа како оаза на стабилноста.