Свет Европа Британската премиерка го потпиша писмото со кое ќе почне Брексит

Британската премиерка го потпиша писмото со кое ќе почне Брексит

Британската премиерка Тереза Меј денеска го потпиша писмото што ќе го предаде во Брисел и со кое Велика Британија и официјално ќе ги почне преговорите за Брексит, покажува сликата објавена од нејзината канцеларија.

На сликата, која ја објави Даунинг стрит, Меј го потпишува писмото со кое се активира член 50 од Лисабонскиот договор и кое утре попладне ќе му биде предадено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Со активирањето на овој член почнуваат двогодишните преговори за одвојување на Британија од Европската Унија.

Од канцеларијата на премиерката наведуваат дека таа денеска во обраќањето во Долниот дом на парламентот ќе побара „вистински договор за секое поединечно лице во земјата“, вклучувајќи ги и државјаните на ЕУ.

Исто така, се наведува дек Меј ќе ги повика Британците да се обединат сега кога земјата тргнува на „значајно патување“.

Британците минатиот јуни со мнозинство гласови на референдум одлучија да излезат од Европската Унија.