Македонија Британската амбасадорка Галовеј положи свежо цвеќе на гробовите на претседателите Глигоров и...

Британската амбасадорка Галовеј положи свежо цвеќе на гробовите на претседателите Глигоров и Трајковски

Фото: twitter.com/UKinRNMacedonia/

Британската амбасадорка Рејчел Галовеј положи свежо цвеќе на гробовите на починатите македонски претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата Бутел во Скопје во честа на 30 годишнината од независноста на земјата.


Амбасадорката Галовеј претходно ја честиташе независноста и преку колумна објавена на официјалниот блог на британското министерство за надворешни работи на македонск и на англиски јазик, со наслов:„Прославуваме 30 години независност! Пријателство, партнерство и соработка – нашата приказна за Обединетото Кралство и Северна Македонија“.

Во колумната, амбасадорката посочува повеќе детали од долгогодишната соработка меѓу двете земји.

„Северна Македонија е нашиот најголем трговски партнер во Западен Балкан и потпишувањето на нов Договор за партнерство, трговија и соработка може само да ја зголеми билатералната соработка и економските можности меѓу нашите две земји“, пишува Галовеј додавајќи дека во текот на следните неколку години ќе има нови можности за зелените бизниси да отворат нови работни места и партнерства.

Таа ја потенцира и заедничката работа во полето на животната средина и додава дека „со нетрпение го очекуваме спроведувањето на зеленото сценарио на енергетската стратегија што ја поддржавме“.