Македонија Британија ќе помага со стратегијата за реформи во одбраната и членство во...

Британија ќе помага со стратегијата за реформи во одбраната и членство во НАТО

Стратешкиот одбранбен преглед, кој е клучен документ за водењето на одбранбените реформи и за членството на Македонија во НАТО, треба да биде готов до средината на следната година. Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, за ова на денешната средба го информирала советникот за одбрана и безбедност во Одделот за стабилизација на Велика Британија, Стивен Гловер, кој е во дводневна посета на Македонија.

На средбата, на која присуствувале и амбасадорот на Британија во земјава, Чарлс Герет, и одбранбеното аташе, потполковник Ричард Пери, биле разменети мислења и искуства поврзани со изработката на новиот стратешки одбранбен преглед, а станало збор и за можностите за поддршка во изработката на овој исклучително важен документ за одбраната, од страна на Обединетото Кралство.

„Британскиот советник за одбрана изрази подготвеност и интерес за советодавна поддршка од британска страна на овој важен реформски процес. Тој воедно ги истакна и британските искуства и научени лекции во поглед на изработка, но и имплементација на стратегиските одбранбени прегледи“, стои во соопштението за средбата.

За време на посетата на Македонија, се додава во соопштението од Министерството за одбрана, Гловер ќе се сретне и со високи претставници од кабинетот на премиерот Зоран Заев, задолжени за одбраната и за безбедноста, а средба ќе има и со претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Максим Димитриевски.