Свет Европа Британија го отфрла договорот за мигрантите на ниво на ЕУ

Британија го отфрла договорот за мигрантите на ниво на ЕУ

Британската министерка за внатрешни работи, Тереза Меј, денеска ја отфрли можноста Британија да се приклучи кон заедничката европската имиграциона политика во соочувањето со големиот прилив на мигранти и на бегалци на европскиот континент.

Министерката рече дека ни „за илјада години“ нема да прифати договор за заедничка европска имиграциона политика.
Меј, на конференцијата на Конзервативната партија во Манчестер, рече дека Британија треба да ја зголеми контролата на своите граници, да ги прифати загрозените бегалци, но да ги држи надвор од земјата тие што доаѓаат заради подобар живот.

Британската министерка рече дека европските земји, исто така, треба да ги заострат своите политики, со аргумент дека во последните неколку години, повеќе луѓе побарале азил во ЕУ од балканските земји, и тоа во години кога немало војна, отколку од Сирија.