Свет Балкан Брисел ѝ порача на Атина: Членството во еврозоната е неотповикливо

Брисел ѝ порача на Атина: Членството во еврозоната е неотповикливо

Тензијата и во институциите и во поголемите престолнини на Европска Унија се зголемува како што се ближат изборите во Грција, каде главниот фаворит е Алексис Ципрас, предводникот на радикалната левица СИРИЗА.

По информациите објавени викендов во германски „Шпигел“, според кој „Грција може да ја напушти еврозоната“ без тоа да предизивика поголеми тешкотии за еврото, во Европската комисија денеска се спушта топката.

На редовната прес-конференција во Брисел, портпаролите инсистираат дека во повелбата на ЕУ, Лисабонскиот договор, јасно стои дека „членството во еврозоната е неотповикливо“.

И покрај многубројните прашања на присутните новинари за можни сценарија за напуштање на еврозоната, гласноговорниците на европските комесари одбиваат да шпкулираат и го чекаат крајниот збор на грчките гласачи на 25 јануари.

На прашање дали Комисијата е подготвена да „преговара“ за условите на грчкото членство во еврозоната, портпаролот додаде дека за тоа ќе се дискутира по изборите, откако грчките граѓани ќе го кажат своето.

Дотогаш, Европската комисија стои на својот став, објавен кон крајот на декември од еврокомесарот за економски прашања, Пјер Московиси, веднаш по објавувањето на изборите во Атина, дека „преку овој демократски процес, грчките граѓани уште еднаш ќе решаваат за својата иднина“. Московиси тогаш потсети и дека „силната заложба за Европа и широката поддршка кај грчките граѓани и политичките лидери за потребниот реформски процес свртен кон еконоскиот пораст ќе биде суштинска за Грција повторно да просперира во еврозоната“.

Оваа изјава се смета за потсетување до грчките граѓани дека долгот кон земјите-членки и кон европските институции мора да биде исплатен, а реформските програми на „тројката“ (Европска комисија, Европска централна банка и Меѓународен монетарен фонд) мора да бидат испочитувани докрај за да продолжи финасиската помош.

Токму овие ригорозни буџетски планови за штедење на меѓународните институции се главна мета на критика на Ципрас и на неговата изборна платформа, во земја во која околу еден милион работни места се изгубени откако почна кризата, а невработеноста достигна повеќе од 50проценти кај младите на возраст под 30 години.

Влошената состојба во Грција донесе пораст на евроскептизицмот кај јужниот сосед, но и недоверба кон сегашниот претседател на ЕК, Жан Клод Јункер.

Имено, се смета дека Јункер го пречекори својот мандат кога даде отворена поддршка на еден од претседателските кандидати во Грција, поранешниот комесар Ставрос Димас, предложен од Нова демократиjа.

„Стравот“ на бриселските елити од можна победа на радикалната левица во Грција беше критикуван дури и од угледниот „Фајненшл тајмс“ во ноемврискиот едиторијал насловен „Радикалната левица е во право за европскиот долг“.

Т.М.