Свет Балкан Бразилската полиција официјално потврди дека грчкиот амбасадор е убиен

Бразилската полиција официјално потврди дека грчкиот амбасадор е убиен

Грчкото министерство за надворешни работи и бразилската полиција официјално потврдија дека грчкиот амбасадор во Бразил, Кирјакос Амиридис, е убиен во Рио де Жанеиро. Вештачењето на најденото јагленосано тело во автомобилот, кој Амиридис го изнајмил заедно со сопругата за време на одморот во Рио де Жанеиро, покажало дека се работи за грчкиот амбасадор.

Грчкото МНР изрази длабоко жалење за трагичниот настан и за смртта на долгогодишниот дипломат кој служел во грчките дипломатски претставништва во Бразил, Србија, Европската Унија и во Либија.

Зад бруталното убиство на грчкиот амбасадор, според информациите од Бразил, стојат неговата сопруга со бразилско потекло, Франсуаз Амиридис, и нејзиниот љубовник, 29-годишен полицаец. Полицаецот и сопругата го признале убиството пред полицијата, иако Франсуаз на почетокот одбивала дека е на каков било начин поврзана со случајот.

Според информациите, Амиридис бил убиен во нивниот дом во Рио де Жанеиро, а потоа неговото тело било префрлено во автомобилот, однесено на друга локација и запалено.