Свет Балкан Босна и Херцеговина доби зелено светло за почнување пристапни преговори со ЕУ

Босна и Херцеговина доби зелено светло за почнување пристапни преговори со ЕУ

Одлуката нашироко се смета за историски чекор за БиХ, поттикнувајќи надежи дека земјата би можела да ја надмине нестабилноста проследена со етнички ривалства и закани за отцепување, речиси три децении по крајот на разорната војна

Photo by engin akyurt on Unsplash

Лидерите на земјите-членки на Европската унија вчера во Брисел ѝ дадоа зелено светло на Босна и Херцеговина за отворање на пристапните преговори за членство во блокот, објави Н1.

Одлуката на европските лидери следува по препораката на Европската комисија (ЕК), која минатата недела објави извештај во кој констатира дека Босна и Херцеговина доволно ги исполнува условите за почеток на долгиот пат кон членство во ЕУ.

БиХ аплицираше за членство во Унијата во февруари 2016 година, а кандидатски статус ѝ беше доделен во декември 2022 година.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави „историската одлука“ за отворањето преговори со Босна и Херцеговина. Таа изјави дека земјата направила импресивни чекори кон блокот и дека за една година бил постигнат поголем напредок отколку во претходната деценија.

„Босна и Херцеговина е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика. Видовме напредок во управувањето со миграцијата. Босна и Херцеговина постигна значителен напредок во дијалогот и помирувањето“, рече Фон дер Лајен, а пренесе Н1.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на социјалната мрежа „Х“ напиша дека БиХ треба да продолжи со напорна работа.

Одлуката нашироко се смета за историски чекор за Босна, поттикнувајќи надежи дека земјата би можела да ја надмине нестабилноста проследена со етнички ривалства и закани за отцепување, речиси три децении по крајот на разорната војна, пишува Гардијан во својот извештај.

Инаку, во исто време кога ѝ укажаа на Босна, лидерите на ЕУ го повикаа Брисел брзо да продолжи напред со следниот чекор во преговорите со Украина и Молдавија.