Македонија Бошњаковски: Ја стопиравме продажбата на „мерцедесот“, иако за СЈО не е спорна

Бошњаковски: Ја стопиравме продажбата на „мерцедесот“, иако за СЈО не е спорна

Продажбата на блиндираниот „мерцедес“, кој во дел од „бомбите“ беше споменуван како „она на М“, е стопирана за да се избегне каква било опасност тоа да попречи на судскиот процес што се води за неговата набавка, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната редовна конференција за медиумите.

– Иако Специјалното јавно обвинителство рече дека нема никакви пречки тој да се продава, сепак Владата сака да ја исклучи секоја можна опасност да се појават проблеми во судскиот процес и така ќе биде сè додека судскиот процес не заврши – рече Бошњаковски.

„Мерцедесот“ сега е конзервиран и се наоѓа во депото на Службата за општи и заеднички работи на Владата, појасни тој.

Бошњаковски дополни дека иако нема правна пречка за продажбата, одлуката на Владата е постапката да се стопира за да се оневозможи какво било попречување на судската постапка.

– Идејата е да се оневозможи каква било форма на изговор на обвинетите за непостоење на докази – рече владиниот портпарол, кој одговарајќи на дополнително новинарско прашање рече дека актуелната влада никогаш не го користела за своите потреби, туку само за превоз на високи странски гости.