Свет Балкан Борисов го охрабри Заев да продолжи со преговорите за решавање на спорот...

Борисов го охрабри Заев да продолжи со преговорите за решавање на спорот за името

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов денеска во Давос ја поздрави волјата на македонскиот премиер Зоран Заев со која работи за евроатлантските интеграции и го охрабри да продолжи со преговорите со Грција за изнаоѓање на конечно решение за спорот за името, пренесува „БГНЕС“.

Борисов и Заев денеска имаа средба на маргините на Светскиот економски форум.

„Дискутираме за иднината на Европа и за забрзување на развојот на Западен Балкан“, напиша Заев на својот официјален твитер-профил по повод средбата.

Заев денеска имаше средба и со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Пријателството и соработката се клучни за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Заеднички се движиме напред“, напиша Заев на „Твитер“ за средбата со Вучиќ.

Инаку, пораката на Борисов доаѓа еден ден по средбата меѓу Заев и неговиот грчки колега, Алексис Ципрас.

Борисов во рамките на годинешната средба на Светскиот економски форум рече дека „има една неправда, која Европа мора да ја поправи – Западен Балкан“.

– Овие земји прават се што е неопходно, и колку што имаат сили, за да одговорат на поставените барања, а ние, нивните соседи, партнери, државите од ЕУ, исто така треба да направиме се што е неопходно за да го придвижиме процесот на нивната интеграција – истакнал Борисов, стои во соопштението на бугарската влада.