Македонија Боки-13 пуштен на слобода поради неговата здравствена состојба

Боки-13 пуштен на слобода поради неговата здравствена состојба

Станува збор за времен прекин на затворската казна поради лекување, а не за целосно ослободување

Судењето за случајот „Рекет“ / Фото: Архива на Мета.мк

Бојан Јовановски е пуштен на слобода поради неговата лоша здравствена состојба, потврдуваат судски извори. Адвокатот на Боки-13, Владимир Туфегџиќ исто така за Мета.мк потврди дека Јовановски е пуштен на слобода. Станува збор за времен прекин на затворската казна поради лекување, а не за целосно ослободување.

„Како бранител ја потврдувам информацијата дека Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор за осуденото лице Бојан Јовановски и истата е доставена до осуденото лице. Ваквата одлука иако е задоцнета истата е за поздравување како законита, правична и пред се хумана, донесена врз основа на две последователни позитивни мислења од надлежниот Јавен обвинител во рамки на иста постапка и врз основа на комплетната медицинска документација за здравствената состојба на осуденото лице“, изјави за Мета.мк адвокатот Владимир Туфегџиќ.

На Боки-13 веќе му беше извршена операција и му беше отстранет желудникот.

Тој беше осуден на затворска казна од 9 години за случајот „Рекет“ за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. За случајот „Меѓународен сојуз“ има првостепена пресуда со затворска казна од дополнителни 9 години за Боки-13 за делата измама и перење пари, но оваа пресуда не е правосилна.

Јовановски осуден на затворска казна од 9 години за „Меѓународен сојуз“, Ременски ослободена