Македонија Боки 13, Крлеуша: Kога „Rest In Peace (RIP)“ стана „Одморете се во...

Боки 13, Крлеуша: Kога „Rest In Peace (RIP)“ стана „Одморете се во мир“…

Порталот „ Екран“ денеска (13.08.2019) објави текст со наслов: (ВИДЕО+ФОТО) БОКИ 13 „РЕКЕТИРАЛ“ ПОРАДИ ЈЕЛЕНА КАРЛЕУША: „Курир“ открива што плус се крие зад аферата „Рекет“,  комплетно преземен од српски „Курир“ заедно со фотографиите и без никаква јазична, лекторска интервенција.  

Освен што во споменатиот напис не е направена никаква проверка на искажаните тврдења во „Курир“ барем кај уште еден извор, туку е пласиран како да се работи за стопроцентна вистина, има проблеми и со преводот. 

Уште на прв поглед е видливо дека текстот од српскиот портал неточно е преведен (барем не онака како што треба) и лекториран. 

Така на пример, во него има конструкции од типот: 

…тој  (Боки 13 ) решил да се прибегне кон кривични дела… 

Сепак, најсмешен дел од македонската верзија на текстот е преводот на Počivaj u miru“  – (се однесува на мајката на Јелена Карлеуша, Дивна): „Одморете се во мир“. Го ставиле на Гугл транслејт и тоа српската верзија на Rest In Peace (RIP), оти англиската пребарувачот коректно ја преведува како „Почивај во мир“ (проверено).

Впрочем,  ова не е нешто ново за македонските медиуми, напротив се чини дека се работи за практика да се пополнува простор со непрофесионално објавување на препишани лошо преведени текстови од српски и хрватски портали. Токму на оваа тема (грешките во преводите од српски и хрватски јазик)  „КриТинк, минатата година  имаше едукативен напис насловен„За песните, писмата, штрковите и запирките: замките во преводите“.