Македонија Богоев: Вештачка интелигенција ќе ја унапредува анализата на ризик во Царината

Богоев: Вештачка интелигенција ќе ја унапредува анализата на ризик во Царината

Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во коишто постои ризик за плаќање давачки во помал износ, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката, рече директорот Богоев

фото: Царинска управа

Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и директорот на Интернационалната агенција при Царинската служба на Јужна Кореја, Јун-Шик Ким, остварија средба во рамки на проектот „Имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад“ што е финансиран со грант вреден 4,8 милиони долари од јужнокорејската влада.

Воспоставувањето на новиот систем, што ќе користи вештачка интелигенција, ќе ја унапреди анализата на ризик во работењето на Царинската управа, рече Богоев.

„Користењето на вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации за контрола е во насока на прибирање повеќе приходи во Буџетот, како и сузбивање на криминалот и корупцијата. Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во коишто постои ризик за плаќање давачки во помал износ, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката“, истакна Богоев.

Одлуката за доделување на грантот од јужнокорејската влада следува по тригодишна анализа на македонската Царина, по што било одлучено грантот да биде доделен на Царинската управа на Северна Македонија.

Од страна на експертите од Јужна Кореја бил презентиран и информатичкиот систем за обработка на царинските декларации, како и софтверските решенија за обработка на увозот и извозот на мали пратки во е-трговијата.