Главна секција Бодликава жица на границата со Грција ако бегалската криза излезе од контрола

Бодликава жица на границата со Грција ако бегалската криза излезе од контрола

Советот за безбедност по синоќешната седница, која траела до доцна во ноќта, изрази најостра осуда за терористичките напади во Париз и длабоко и искрено сочувство до граѓаните на Француската Република.

Во врска со заканите од насилниот екстремизам и од странските терористички борци, констатирано е дека институциите редовно преземаат мерки и информираат.

Безбедносните служби реферирале за сите предизвици и потенцијални закани со кои се соочува регионот, како и за мерките што нашите институции, во соработка со партнерските служби, ги преземаат за нивно спречување.

Утврдено е дека во однос на мигрантската криза, надлежните институции во Република Македонија постапуваат во согласност со Законот за управување со кризи.

Советот за безбедност заклучил дека Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет треба да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протекот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат.

Доколку состојбата со протекот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучил АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка, да преземат и поставување барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно.

Советот за безбедност ја задолжил АРМ веднаш да ги почне сите подготовки и активности за расчистување и за подготовка на теренот за евентуално и можно поставување ограда.

Советот за безбедност истакнува дека поставувањето ограда не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и за ограничување на протекот, во согласност со бројот на мигранти што ќе ги прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат.

„Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се презел во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протекот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка мигранти, за која нема капацитет и можност да даде хуман третман“, стои во соопштението од Советот.