Дописници Биосферниот резерват Охрид-Преспа, тема на академија организирана од УНЕСКО

Биосферниот резерват Охрид-Преспа, тема на академија организирана од УНЕСКО

Триесетина стручни лица, избрани од УНЕСКО во светски рамки, учествуваат на Академијата за одржлив развој што се одржува во Торино, Италија.

Тема на академијата се заштита на наследството и биосферните резервати.

Дејан Пановски од делот за природа при Националната комисија на УНЕСКО, преку предавање, ќе го претстави воспоставувањето и природните вредности на прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа, како и вредностите на Охридско Езеро.

Вториот преставник од Македонија, Зоран Павлов, од делот за култура при Националната комисија на УНЕСКО, ќе говори за планот за управување со културното наследство на охридскиот регион.

– Академијата е можност за презентација на вредностите, признание за работата, но воедно е и обука за менаџирање со културното и со природното наследство. Охридскиот регион е еден од центрите на вниманието на УНЕСКО токму од двата аспекти. Ние сакаме да се пофалиме со статусот УНЕСКО, но треба да ги почитуваме и одговорностите – вели за „Мета“ Дејан Паноски.

Во текот на академијата ќе бидат остварени средби со голем број влијателни луѓе од областа на заштитата, посета на Биосферниот резерват Монвизо и учество на ЕКСПО и на Светскиот форум за локален економски развој на кој генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, одржа говор на тема „Каков свет сакаме“. Истовремено, на сите присутни им се заблагодари за посветеноста во борбата за заштита на културните и на природните вредности и за борбата за одржлив развој.