Свет Балкан Билт: Европа мора да се прошири, Западен Балкан да ги забрза ЕУ-интеграциите

Билт: Европа мора да се прошири, Западен Балкан да ги забрза ЕУ-интеграциите

Проширувањето на Европската Унија е императив, а единствен пат напред за земјите од Балканот е забрзување на евроинтеграциите, изјави денеска во Сараево поранешниот шведски премиер Карл Билт, кој беше во посета на секретаријатот на Регионалниот совет за соработка (РСС) и имаше состанок со секретарот, Горан Свилановиќ.

– Понатамошното проширување на ЕУ е императив, а единствен пат напред за Западен Балкан е забрзување на европските интеграции. За обезбедување на членството, ќе треба време, со оглед дека тоа не е лесен пат. Меѓутоа, потребни се силни економски реформи за да можат земјите да се квалификуваат за членство, а регионалната соработка е силна алатка за неопходното поттикнување на целиот регион – изјави Билт.

Свилановиќ, како што соопшти РСС, од своја страна ги повторил неодамна искажаните очекувања на самитот на земјите од ЈИЕ во Дубровник, а кои се сведуваат на големи очекувања од претстојниот самит во Трст што е закажан за 12 јули.

– Со акциониот план се предвидени проекти кои водат кон подобар и побрз напредок во регионот, во трговијата, поврзаноста, конкуренцијата, дигиталната агенда и друго. Планот е катализатор на европските интеграции, но не е замена за постоечката рамка и ние сакаме да ги видиме нашите економии како ја ползуваат оваа можност и спроведуваат промени во корист на своите граѓани – вели Свилановиќ.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.