Македонија Биљана Ангелова ја презеде должноста ректор на УКИМ

Биљана Ангелова ја презеде должноста ректор на УКИМ

Патот е долг, трнлив, полн со предизвици, но само ако го чекориме сите заедно и ако сите заедно работиме на унапредување на нашиот УКИМ, ќе го направиме посилен, подобар и повлијателен, рече Ангелова

Фото: Колаж, Економски институт

Професорката од Економскиот институт Биљана Ангелова и официјална е новата ректорка на Универзитетот Св.Кирил и Методиј (УКИМ), откако денеска на пригодна свеченост ѝ беше предадена должноста ректор.

Досегашниот ректор, проф. д-р Никола Јанкуловски, рече дека новата ректорка во два мандата му била прв соработник, проектор за финансии, па оттаму и ги познава проблемите и сите предизвици што постојат на универзитетот во целокупното негово работење.

На свечениот настан присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој на новата ректорка ѝ посака успех во работата.

Ангелова истакна дека нејзина одговорност е да го продолжи наследството од вредности и да се заложи за реализација на автономијата и за јакнење на универзитетот.

„Оваа мисија не е само голема чест, туку и уште поголема одговорност. Патот е долг, трнлив, полн со предизвици, но само ако го чекориме сите заедно и ако сите заедно работиме на унапредување на нашиот УКИМ, ќе го направиме посилен, подобар и повлијателен. Нашата мисија ќе биде отворен универзитет со високи вредности кој ќе стане видлив на меѓународниот високообразовен научноистражувачки простор“, рече таа.

Ангелова беше избрана за ректорка на 30 мај по спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Нејзиниот мандат истекува на 15 септември 2026 година.

За Ангелова да биде нов ректор на УКИМ гласале повеќе од третина од гласачите