Од вкупно 5.600 бодови кои можеле да ги доделат вкупно 1.419 гласачи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), 1.958 поени освоила актуелната проректорка Билјана Ангелова, што е безмалку 35 отсто од вкупното гласачко тело. На второрангираниот кандидат, според бројот на поени, таа „му бега“ за 1.070 поени или за дури околу 20 отсто.
„Излезноста беше 88,3 отсто, што е прилично голема излезност. Гласале 1.251 гласачи, од вкупно 1.419. Вкупно 168 гласачки ливчиња се неискористени, а 29 се неважечки. Победата на Ангелова е убедлива и прегласувања нема да има. Сега следна фаза е поднесување приговори. Ангелова ќе стапи на функцијата од 16 септември и мандатот ќе ѝ трае до 15 септември 2026 година“, информира Родна Живковска, претседателката на Универзитетската изборна комисија.
Според записникот од резултатите од спроведеното тајно гласање, кој го објави попладнево Универзитетската изборна комисија на веб-страницата на УКИМ, најмногу гласови по Ангелова има деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Ташковски, со освоени 888 поени, па следува Горан Ајдински од Филозофскиот факултет со освоени 866 поени. Зад него е актуелната проректорка за настава, Христина Спасевска со освоени 784 поени, па Атанас Кочов од Машинскиот факултет со 643 поени, а на последното место е актуелниот декан на Филозофскиот факултет Ратко Дуев, кој освоил 459 поени.
Во одлуката за утврдување на избраниот кандидат за ректор, е наведено дека незадоволните кандидати може да поднесат приговор во електронска форма на [email protected], како и во архивата на УКИМ.
Инаку, во програмата за развој на УКИМ на 40 страници, Ангелова пишува дека ќе се залага Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде отворен за секој член на академската заедница и да има ефикасен сервис на неговите единици.
Новата ректорка навела дека ќе се залага за унапредување на квалитетот на наставата, за подобрување на условите за студирање на единиците на универзитетот, како и за унапредување на научно-истражувачката дејност и за подобрување на рангирањето. Освен тоа, приоритет ѝ е и интернационализацијата преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети и промовирање на европски вредности.