Култура Биенале на фотографија

Биенале на фотографија

Изложбата ќе ја отвори академскиот сликар Сергеј Андреевски

В среда, 12 ноември, во галеријата Чифте амам, се отвора четиринаесеттото меѓународно биенале на фотографската уметност „Фотомедија“, во организација на Фотоклуб „Елема“ од Скопје.
ФК „Елема“ опстои во речиси невозможни услови и успева да организира изложба која е значајна во светски рамки и која ја промовира Македонија насекаде во светот.

Во денешно време каде што се гледаат само профитите и во морето на дигитални изложби кои неминовно донесоа турбо-фолк во фотографијата, со своето бавно биенално темпо, „Фотомедија“ е една од ретките изложби на која се испраќаат готови, испечатени фотографии, и која е апсолутно непрофитна и се базира на огромен волотнерски труд и посветеност кон фотографијата на дел од членовите на ФК „Елема“.

Иако е се помал бројот на општествено одговорни компании, односно речиси сите се брутално незаинтересирани за поддршка на квалитетни настани од културата, неколку македонски компании покажаа доблест и ја поддржаа и оваа „Фотомедија“, како и Министерството за култура и Градот Скопје.

Добитник на гонешната главна награда е Аугунас Ромуладас од Литванија, а традиционално, за денот на градот Скопје, наградата како покровител ја доделува Град Скопје.

Како куриозитет на оваа „Фотомедија“, додека се разгледуваат фотографиите, ќе биде пуштана музика која е софтверски генерирана од имињата на сите автори кои испратиле свои дела на изложбата, имињата на нивните дела и имињата на сите вклучени во процесот на подготовка на оваа изложба.

Изложбата ќе ја отвори академскиот сликар Сергеј Андреевски.