Македонија Бесими: За мигрантите мора цврсто да се координираме со земјите од регионот...

Бесими: За мигрантите мора цврсто да се координираме со земјите од регионот и со ЕУ

Поради мигрантите, Македонија мора да има цврста координација со сите земји од регионот, земјите од балканската рута и со Европската Унија, за успешно да ги имплементира одлуките на ЕУ и тие што се очекува да се донесат утре на самитот во Брисел.

Ова денеска го изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, при посетата на мигрантскиот камп „Винојуг“ во Гевгелија.

Според него, процесот со бегалците е сложен, затоа што има хуманитарни и формално-правни димензии кои мора да се почитуваат за да им се излезе во пресрет на луѓето на кои им е потребна помош, во согласност со меѓународните стандарди.

По обиколката на кампот, Бесими заклучи дека мигрантите ги имаат сите услови за престој и хуман третман до нивно транзитирање низ земјава.

Во рамките на својата улога на координатор за странска помош, на донаторската координација во Гевгелија било разговарано и за подготовките за соочување со предизвиците што би се случиле при евентуално затворање на граници и носење еднострани решенија од некои земји кои би можеле да поредизвикаат дополнителни проблеми.