Македонија Беса преку посебна комисија ќе преговара со СДСМ

Беса преку посебна комисија ќе преговара со СДСМ

Централното претседателство на Движењето БЕСА одржа седница на која е дискутирано за основните начела за заедничкото владеење со СДСМ, соопштија денеска од партијата.

На средбата е донесена одлука за формирање посебна комисија, која ќе ги почне преговорите со новиот мандатар, а за координатор на комисијата е избран Арбен Лабеништи, потпретседател на Движење БЕСА.

„Во духот на ветувањето за транспарентност со албанските гласачи, Централното претседателство на БЕСА го информира членството, но и јавноста, дека останува посветена на својата изборна програма, со која ја освои довербата на Албанците во Македонија на изборите од 11 декември 2016 година. За другите детали и за исходот на преговорите јавноста навремено ќе биде информирана“, соопштија од партијата.

Во меѓувреме, во штабот на СДСМ пристигнаа претставниците на комисијата на Беса, Арбен Лабеништа, Африм Гаши, Фадил Зендели, Аријанит Хоџа и Кастриот Реџепи кои ќе разговараат со работната група на СДСМ, предводена од Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

Ова е првична средба, на која, како што дознаваме ќе се усогласуваат партиските ставови за програмата на новата владина коалиција.