Подглавна секција Берлин ќе ги затвори баровите и рестораните по 23 часот, a луѓето...

Берлин ќе ги затвори баровите и рестораните по 23 часот, a луѓето на отворено ќе може да се групираат до пет лица

Фото: Pixabay

Поради зголемување на бројот на заразени со ковид-19, Берлин ќе воведе рестрикции во однос на работењето на пабовите и рестораните. Во градот кој е познат по своите 24 часовни барови, официјалното време на затворање се наметнува од 23 до 6 часот наутро, а исто така ќе има и ограничувања за продажба на алкохол.

Освен овие рестрикции, луѓето на отворено ќе може да се групираат најмногу до пет лица од најмногу две домаќинства, додека пак приватните собири на затворено ќе бидат ограничени на десет лица. Предвидено е мерките да останат на сила до крајот на месец октомври, а во зависност од кривата на движењето за ковид-19 инфицираните, истите ќе бидат намалени или пак, зајакнати.

Додека ноќните клубови во Берлин остануваат затворени на неодредено, баровите имаа дозвола повторно да се отворат во јуни со хигиенски ограничувања. Некои сопственици рекоа дека воведувањето ново работно време би било контрапродуктивно бидејќи луѓето ќе продолжат да се забавуваат во своите домови.

„Пиењето дома е далеку поопасно од пиењето во бар. Ако ништо друго, тука барем можеме да ги потсетиме да стават маска“, изјави за РББ, Карстен Золтан, сопственик на хотел во Кројцберг.

Од почетокот на октомври Берлин бележи повеќе нови потврдени случаи дневно отколку што се случи во првиот бран кон крајот на март, кога и капацитетот за тестирање беше поограничен.

Податоците од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ покажуваат дека од почетокот на пандемијата, во Германија се заразија вкупно 311.503 лица, закрепнаа 267.700, а починаа 9.583 лица.