Економија Бензините поскапуваат за половина до еден денар, дизелот од ноќеска поскап за...

Бензините поскапуваат за половина до еден денар, дизелот од ноќеска поскап за денар и пол

(Фото: finance.bigmir)

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која од ноќеска на полноќ ќе се зголемат малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,64 отсто.

Малопродажната цена на бензинот еуросупер БС-95 се зголемува за еден денар за литар, додека еуросупер БС-98 се зголемува за 0,50 денари за литар. Дизелот и екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 1,50 денари за литар.

Со најновото поскапување, максималната цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 63,50 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава по 65 денари за литар, додека еуродизел БС ќе чини 54,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ ќе може да се набави по цена од 43,50 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 1,458 денари за килограм и сега ќе изнесува 34,342 ден/кг.

Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 3,874 отсто, дизелот за 5,606 отсто, екстра лесното масло за 5,714 отсто и мазутот за 6,383 отсто. Во истиот период, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,179 отсто.

„Во изминатите седум дена цената на нафтата на светските берзи e порасната за 10 отсто, а тоа се должи на заздравувањето на глобалната економија и најавата за нов стимулативен пакет во Америка кој има позитивен ефект врз побарувачката на суровата нафта. Цените на нафтата се во пораст од ноември минатата година, од кога започна вакцинирањето на населението против ковид-19. Истовремено друг фактор кој влијае на растот на цените е тоа што водечките светски производители ги намалуваат испораките од сурова нафта за 7,2 милиони барели на ден од почетокот на оваа година, според договорот меѓу Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија. Во прилог на зголемувањето на цените влијае и одлуката на Саудиска Арабија, најголемиот извозник, еднострано да ги намали испораките од сурова нафта во февруари и март, за дополнителни еден милион барели на ден“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.