Економија Бектеши: Мерките на Владата имаат за цел побрзо враќање на туризмот во...

Бектеши: Мерките на Владата имаат за цел побрзо враќање на туризмот во нормала

Крешник Бектеши фото: Министерство за економија

Туризмот е една од најпогодените индустрии од пандемијата на ковид-19 и заедничката цел на Владата и на туристичко-угостителскиот сектор е оваа криза што побрзо да заврши и работењето да се врати во нормала. Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши, на Петтата туристичка берза, организирана од Националната асоцијација за дојдовен туризам-НАИТМ.

„РСМ е една од земјите за која туризмот е приоритетен економски сектор. Владата  веќе презеде низа активности во сите 5 пакети на економски мерки, со цел во овие тешки времиња да ѝ се помогне на туристичката индустрија и да се зачуваат работните места“, рече Бектеши.

Според амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер, и покрај корона кризата, голем е ентузијазмот за напредок во туристичката индустрија, а со промоција на секторот ќе се задржи државава на светската мапа за туризам.

„Веруваме дека потенцијалот на туристичкиот сектор сѐ уште не е доволно искористен. Во текот на изминатите шест години соработуваме со тур-оператори, јавни институции и организации за подобрување на понудата, создавање поддржувачки екосистем за туризам и промовирање на РСМ како туристичка дестинација“, рече Зутер.

Претседелот на НАИТМ, Влатко Сулев потенцира дека Петтата Македонска туристичка берза е многу важна, затоа што отворањето на границите е сѐ поблиску и туристите веќе ги планираат своите одмори.

Туристичката берза традиционално ги собира сите чинители од туризмот, а годинешното мото е: „Предизвици за развој на туризмот и дигитализацијата“.