Македонија Бектеши и Петкова потпишаа меморандум за соработка во секторот на природен гас

Бектеши и Петкова потпишаа меморандум за соработка во секторот на природен гас

Министрите за економија на Република Македонија и на Република Бугарија, Крешник Бектеши и Теменужка Петкова, денеска во Скопје потпишаа меморандум за соработка во енергетиката и за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот на природниот гас, преку развивање на нова директна врска меѓу системите на природен гас на Македонија и на Бугарија, соопшти Министерството за економија.

„За реализација на предвиденото, планирано е создавање на меѓудржавна експертска работна група за гас, која во рок од шест месеци по стапувањето на сила на овој документ ќе треба да подготви технолошко-економски нацрт-елаборат за изградба на новото гасно поврзување. Овој елаборат треба да содржи анализи на техничките, пазарните, економските, финансиските и на регулаторните аспекти на проектот и да понуди решенија за потребната инфраструктура на територијата на двете држави“, се вели во соопштението.

Бектеши и Петкова, по средбата на делегациите на владите на двете земји, имаа билатерална средба, на која разговарале за соработката во енергетскиот сектор и за енергетските проекти кои се од заемен интерес на двете земји.