Македонија „Бехтел-Енка“ ја почна изградбата на автопатот Гостивар-Кичево

„Бехтел-Енка“ ја почна изградбата на автопатот Гостивар-Кичево

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ ќе го гради овој автопат, заедно со делниците Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола на Коридорите 8 и 10д

Извор на фотографија: ЈП за државни патишта

Со минирање на теренот кај гостиварското село Горна Бањица, денеска започна изградбата на автопатот Гостивар-Кичево на Коридорот 8. Американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ ќе го гради овој автопат, заедно со делниците Тетово-Гостивар, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола на Коридорите 8 и 10д. Трите автопати ќе бидат со должина од 110 километри.

„Со почетокот на градбата на овие автопати почнува нова ера, во која наместо само по 5,8 километри автопат годишно колку што се градеше во изминативе 32 години, во следните 4,7 години ќе се градат по 23 километри автопати годишно“, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Според договорот со „Бехтел-Енка“, изградбата на автопатите Коридорите 8 и 10Д треба да заврши за 4 години и 7 месеци, а истите треба да чинат 1,3 милијарди евра. На сметката на американско-турскиот конзорциум досега се легнати 174,5 милиони евра од предвидените 243 милиони евра за годинава.

На денешниот почеток на градежните работи на автопатот Гостивар-Кичево присуствуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, вицепремиерот Артан Груби, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и амбасадорката на САД во земјава Анџела П. Агелер.