Економија Банкарските институции се договорија за одложено плаќање на ратите на сите кредити...

Банкарските институции се договорија за одложено плаќање на ратите на сите кредити за граѓаните и за компаниите

Поради вонредната состојба со корона вирусот, банкарските институции решија да им излезат во пресрет на граѓаните и на компаниите кои имаат кредитни задолжувања во банките и во штедилниците, од секаков вид. Тие ќе добијат можност за одложено плаќање на ратите, при што банките и штедилниците на граѓаните и на фирмите им нудат повеќе поволности. Тие се: одложување, односно грејс-период за отплата на кредитите, пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период, пониска каматна стапка и друго.

Тоа ќе се однесува за сите кредитни производи, потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити и друго, за кредитни картички, за дозволеното пречекорување (одобрен минус) и за кредити на фирмите, со цел и во интерес да им се помогне на граѓаните и на компаниите полесно да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет и понатаму да ги плаќаат обврските.

„Народната банка и Министерството за финансии донесоа Уредба за промена на веќе договорените услови за кредитите на граѓани и фирми со која се утврдува како банките и штедилниците можат во вонредната состојба, да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности. Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, а е со цел да се олесни финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците“, се вели во нивното заедничко соопштение.

Се нагласува дека со Уредбата се овозможува плаќањето на кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје, без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите.

„Банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови и без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку: објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите или со одделно известување на клиентите, преку електронска или писмена комуникација.

Ако физичките и правните лица, во рок од десет дена од добивањето на понудата, писмено или електронски не ја известат банката – штедилницата дека го одбиваат понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена“, стои во соопштението.

Останува и правото на кредито-корисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа, но предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.