Подглавна секција Бајден потврдува дека останува во претседателската трка

Бајден потврдува дека останува во претседателската трка

По дебатата помеѓу американскиот претседател и Доналд Трамп, на која Бајден на моменти изгледаше збунето и даваше некохерентни одговори, се известуваше оти постои можност тој да биде заменет со друг Демократски кандидат

Фото: The White House

Американскиот претседател Џо Бајден потврди дека ќе биде кандидатот за претседател на Демократската партија на претстојните претседателски избори во ноември, пренесува Би-би-си.

Оваа изјава доаѓа по лошиот настап на Бајден на претседателската дебата против Доналд Трамп, на која 81-годишниот кандидат често изгледаше збунето, а многу од неговите реченици беа и тешки за следење.

По дебатата се поставија прашања околу менталната подготвеност на Бајден да биде претседател на САД. Неколку конгресмени од Демократската партија изразија сомнеж околу капацитетите на американскиот претседател, а уредничкиот колегиум на „Њујорк тајмс“ излезе со официјален став дека Бајден треба да го отстапи своето место за друг кандидат.

Бајден имал средба со потпретседателката Камала Харис, а тие потоа се придружил на телеконференциски состанок, каде ја потврдиле кандидатурата на Бајден.

„Јас сум кандидат на Демократската партија. Никој нема да ме истурка од оваа позиција. Јас не си одам“, наводно рекол Бајден на состанокот, според извор на Би-би-си.

Притисокот врз Бајден да се откаже од претседателската трка сепак продолжува да расте. Повеќе анкети покажуваат дека е зголемена популарноста на Трамп. Според анкетата на Њујорк Тајмс спроведена по дебатата, Трамп води со шест поени, што е најдобар резултат за Трамп во овој предизборен период.