Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати за ракетниот напад против Израел, додека Техеран соопшти дека секоја одмазда ќе биде проследена со „огромно уништување“, зголемувајќи ги стравувањата од поширока војна, објави Ројтерс.
Додека Вашингтон изрази целосна поддршка за својот долгогодишен сојузник Израел, иранските вооружени сили рекоа дека директната интервенција на поддржувачите на Израел против Техеран ќе предизвика „силен напад“ од Иран врз нивните „бази и интереси“ во регионот.
Цените на нафтата пораснаа за 5 отсто поради стравувањата од поширока војна меѓу двата големи непријатели, а Советот за безбедност на ОН закажа состанок за Блискиот Исток за среда.
„Иран направи голема грешка вечерва – и ќе плати за тоа“, рече Нетанјаху на почетокот на политичко-безбедносниот состанок, се вели во соопштението од Израелската влада.
Иранската револуционерна гарда, пак, соопшти дека нападот бил одмазда за израелските убиства на милитантните водачи и агресијата во Либан против вооруженото движење Хезболах поддржано од Иран и во Газа.
Стравувањата дека Иран и САД ќе бидат вовлечени во регионална војна се зголемија со засилениот напад на Израел врз Либан изминатите две недели, вклучувајќи го и почетокот на копнената операција во понеделникот, како и конфликтот во Појасот Газа кој трае речиси една година.
Во својот напад во вторникот вечерта, Иран истрела повеќе од 180 балистички ракети кон Израел, соопшти израелската армија. Сирени за против воздушна заштита се огласија низ целиот Израел и можеа да се слушнат експлозии во Ерусалим и долината на реката Јордан. Израелците се засолнија, а новинарите на државната телевизија лежеа на земја за време на преносите во живо.
Иранските сили за првпат употребија хиперсонични ракети Фатах, а 90 отсто од неговите ракети успешно ги погодија нивните цели во Израел, соопшти Револуционерната гарда на Иран.
Од друга страна, израелскиот адмирал Даниел Хагари во видео на X соопшти оти израелската противвоздушна одбрана е активирана и повеќето проектили се пресретнати „од Израел и одбранбената коалиција предводена од САД“ додавајќи: „Нападот на Иран е тешка и опасна ескалација“.
Израелската војска објави видео од училиште во централниот град Гадера кое било тешко оштетено од ирански проектил. Нема информации за повредени во Израел, но еден маж е убиен на окупираниот Западен Брег, соопштија тамошните власти.
Воени бродови на американската морнарица истрелаа десетина пресретнувачи против ирански ракети насочени кон Израел, соопшти Пентагон.
Американскиот претседател Џо Бајден изрази целосна поддршка на САД за Израел и го опиша нападот на Иран како „неефикасен“. Тој рече дека имало активна дискусија за тоа како Израел ќе одговори и дека ќе разговара со Нетанјаху.
Потпретседателката Камала Харис, демократскиот кандидат за претседател на САД, го поддржа ставот на Бајден и рече дека САД нема да се двоумат да ги бранат своите интереси против Иран.
Израел најави последици за нападот.
„Ќе дејствуваме. Иран наскоро ќе ги почувствува последиците од нивните постапки. Одговорот ќе биде болен“, изјави за новинарите израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон.
Белата куќа на сличен начин најави „тешки последици“ за Иран, а портпаролот Џејк Саливан на брифингот во Вашингтон рече дека САД „ќе соработуваат со Израел за да го направат тоа“.
Саливан не прецизираше какви би можеле да бидат тие последици, но тој не побара воздржаност од Израел како што направија САД во април кога Иран изврши напад со беспилотни летала и ракети врз Израел. Пентагон соопшти дека воздушните напади во вторникот биле двојно поголеми од нападот во април.
Секој израелски одговор на ракетниот напад во вторникот ќе биде дочекан со „огромно уништување“ на израелската инфраструктура, се вели во соопштението на Генералштабот на вооружените сили на Иран во соопштението пренесено од државните медиуми, најавувајќи исто така дека ќе ги таргетира регионалните средства на секој израелски сојузник.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека неговата операција била одбранбена и насочена само кон израелските воени и безбедносни објекти. Претходно, иранската државна новинска агенција соопшти дека Техеран цели на три израелски воени бази. Иран побара акција на Советот за безбедност на ОН.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја осуди, како што рече, „ескалацијата по ескалацијата“, велејќи: „Ова мора да престане. Апсолутно ни треба прекин на огнот“.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, исто така повика на итен регионален прекин на огнот. „Опасниот циклус на напади и одмазда ризикува … да излезе од контрола“, објави тој на X.
Инаку, Иран вети дека ќе возврати по израелските напади во кои беше убиено највисокото раководство на нивните сојузници од Хезболах во Либан, вклучувајќи го и лидерот на групата Хасан Насрала, значајна фигура во иранската мрежа на борци низ целиот регион.
Хамас, милитантната група поддржана од Иран во Газа, ги пофали иранските ракетни напади, велејќи дека тие се одмаздуваат за израелските убиства на тројца милитантни водачи, вклучувајќи го и Насралах.
Палестинците во Појасот Газа, заробени во речиси едногодишна војна, славеа додека гледаа десетици ракети на пат кон Израел.