Визуелизации Бахамите и Бермудите повторно меѓу најголемите инвеститори во земјава (инфографик)

Бахамите и Бермудите повторно меѓу најголемите инвеститори во земјава (инфографик)

Егзотичните карипски острови Бахами и Бермуди се најдоа на листата пет најголеми странски инвеститори во земјава во текот на минатата година, покажуваат податоците на Народната банка.

На првото место е Турција од каде што лани во земјава биле инвестирани 52,4 милиони евра, а веднаш зад неа, на второто место, се Бахамите со инвестирани 45,6 милиони евра.

На третото место е Германија со инвестиции од 44,3 милиони евра, а потоа следуваат Бермудите (29,8 милиони евра) и Холандија (27,1 милиони евра).

Математиката покажува дека со вкупни инвестиции од 75,4 милиони евра, Бахамите и Бермудите се меѓу најзначајните странски инвеститори во минатата година, посебно ако се земе предвид дека во земјава лани влегле вкупно 326,3 милиони евра странски инвестиции.

Двата карипски острови, познати како даночни раеви каде не се поставуваат прашања за потеклото на капиталот, често се јавуваат на листата најголеми инвеститори во нашата држава.

„Мета“ веќе пишуваше дека и во 2018 година Бахамите и Бермудите беа меѓу петте најголеми странски инвеститори.