Свет Азербејџанска новинарка осудена на седум години затвор

Азербејџанска новинарка осудена на седум години затвор

Азербејџанската новинарка Кадија Исмајилова е осудена од властите во земјата на затворска казна од седум и пол години за проневера на пари и за затајување данок, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, реномираната истражувачка новинарка работела на сторија за бизнисите и за сметките во офшор-банки, наводно поврзани со семејството на претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев. Организациите за човекови права реагираат дека судскиот процес во кој е осудена Исмајилова бил политички мотивиран.

Инаку двајца азербејџански активисти минатиот месец биле осудени под слични обвинувања.

Реагирајќи на последната пресуда, генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, како што јавува британскиот национален сервис, ги поврзува двата случаи и додава дека последните настани имаат „застрашувачки ефект врз слободата на изразување во земјата“.