Македонија Австриски „Страбаг“ ќе ја гради и втората фаза од експресниот пат Штип...

Австриски „Страбаг“ ќе ја гради и втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш

Јавното претпријатие за државни патишта ја заврши постапката за избор на изведувач за втората фаза од изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш, со должина од 16,9 километри. Австриската компанија „Страбаг“ е избрана како најповолен понудувач со доставената понуда од 14,9 милиони евра. Станува збор за трасата од клучката Три чешми кај Штип до мостот на реката Брегалница и од рудникот „Бучим“ до влезот во Радовиш.

– Се очекува во најскоро време и воведување на изведувачот во работа, со што ќе почне да тече и рокот за изведба. Рокот за изведба е предвиден да биде 24 месеци – велат за „Мета.мк“ од ЈП за државни патишта.

Во моментов процентот на реализација на првата фаза од експресниот пат Штип – Радовиш изнесува 70 отсто. Крајниот рок за пуштање во употреба на првите километри од овој патен правец е крајот на април 2021 година, но поради забрзаната изградба на проектот на терен се очекува првата фаза да биде предвремено ставена во функција – на крајот од годинава или на самиот почеток од 2021 година. Трасата долга 23 километри од првата фаза на проектот се гради меѓу селото Софилари и рудникот „Бучим“.

Изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш започна во јуни 2018 година. Новата патна врска ќе се состои од по една коловозна лента од 3,5 метри и една помошна лента за застанување од 2,5 метри во секој правец. Максималната брзина на движење на возилата ќе изнесува 110 километри на час.