Свет Европа Австрија почна со примена на дневните квоти за бегалци

Австрија почна со примена на дневните квоти за бегалци

Австрија денеска во осум часот почна да го применува ограничувањето за бројот на мигрантите кои дневно можат да влезат во земјата.

Министерката за внатрешни работи на Австрија, Јоана Микл-Лајтнер, претходно најави дека дневно од балканската рута ќе се прифаќаат само 80 барања за азил, а ќе се пропуштаат по 3.200 бегалци.

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, ѝ испрати писмо на австриската влада во кое укажува дека Виена ги прекршува законите на Унијата.

– Австрија спаѓа во најоптоварените земји-членки на ЕУ и ги достигна своите граници на издржливост – нагласи Микл-Лајтнер во соопштението и додаде дека мора да ги обезбедат сопствените граници сè додека не постои европско решение.

Таа истакна дека Австрија не може да совлада ист број бегалци како минатата година и дека воведувањето на дневните ограничувања е само еден чекор кон запирање на бранот бегалци.

– Важно ни е секоја земја долж балканската рута да дејствува рестриктивно на своите граници, а тој домино-ефект е поделотворен ако сите дејствуваат усогласено – рече Микл-Лајтнер, додавајќи дека подготовките за дневниот контигент се завршени и оти во дневната практика, квотата ќе биде распоредена на квоти за секој час.