Свет Свет Австралискиот премиер бара решителна акција против ИД

Австралискиот премиер бара решителна акција против ИД

Австралискиот премиер Тони Абот бара решителна борба на азиско-пацифичките земји против џихадистичките групи, изразувајќи став дека Исламска држава (ИД) е „култ на смртта“ со глобални амбиции, јавува „Би-Би-Си“.

„ИД доаѓа и на секоја индивидуа и на секоја влада ѝ испраќа едноствна порака: „Потчини се или умри“. Со таков ентитет не може да се преговара, туку само да се бориш против него. Ова не е тероризам за локално докажување, ова е тероризам со глобални амбиции“, рекол Абот, во своето обраќање на дводневниот регионален самит за безбедност и за борба против терористичка пропаганда, што се одржува во Сиднеј.

Според австралиските власти, повеќе од 100 граѓани на оваа земја се борат на страната на џихадистичките групи во Сирија и во Ирак.

Минатата година Австралија го подигна нивото на безбедност и спроведе серија антитерористички акции.

На конференцијата во Сиднеј учествуваат министри од 25 земји, вклучувајќи ги Малезија, Сингапур, Јапонија, Лаос, Виетнам и Нов Зеланд.

На самитот, исто така, присуствуваат претставници од „Гугл“, „Фејсбук“, „Твитер“ и од други социјални медиуми.