Македонија Австралиската министерка за надворешни работи во посета на Македонија

Австралиската министерка за надворешни работи во посета на Македонија

Министерката за надворешни работи на Австралија Џули Бишоп ќе престојува во Република Македонија, во рамки на нејзината посета на Источна Европа планирана од 9 до 15 јули, соопшти денеска нејзиниот кабинет.

На официјалната веб-страница на австралиското МНР пишува дека Бишоп ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и со претставници на невладини организации кои работат со финансиска помош на Владата на Австралија.

Ова е прва посета на министер за надворешни работи на Австралија на Република Македонија.

Во рамки на посетата на регионот Бишоп ќе престојува и во Хрватска каде што ќе се сретне со претседателката Колинда Грабар Китаровиќ и Србија каде што ќе се сретне со премиерката Ана Брнабиќ.