Свет Европа Авион на „Џерманвингс“ непланирано слетал во Венеција

Авион на „Џерманвингс“ непланирано слетал во Венеција

Авион на германската авиокомпанија „Џерманвингс“ бил принуден да слета во Венеција бидејќи на еден од патниците и на еден член на екипажот одеднаш им се слошило.

Авионот на летот 03882 од Хановер до Рим бил пренасочен на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција, каде на патниците им било кажано да почекаат во чекалницата на терминалот за поаѓања.

Ова се случува за помалку од две седмици откако авион на истата компанија се сруши на француските Алпи, каде загинаа сите 150 патници и членови на екипажот, а осомничен дека намерно го соборил леталото е копилотот Андреас Лубиц.

Италијанскиот весник „Месаџеро“ пренел изјава на Евгениј Бартолини, професор од Рим, кој рекол дека на патниците кои седеле во редот зад него им било потребна помош поради страв од летање и вознемиреност.

„Кога авионот слета, капетанот ни рече преку микрофон дека на еден член од екипажот и на еден патник им се слошило и затоа одлучил да слета на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција“, изјавил Бартолини.

Од „Џерманвингс“ демантирале дека станува збор за итна ситуација, но го потврдиле непланираното слетување во Венеција.
„Две лица, патник и член на екипажот, почувствувале гадење и им била потребна медицинска помош“, се наведува во соопштението од компанијата.