Македонија Авиокомпаниите задолжително ќе ги осигуруваат багажот и пратките

Авиокомпаниите задолжително ќе ги осигуруваат багажот и пратките

Авионските компании ќе бидат задолжени со закон да го осигураат багажот на патниците и стварите кои ги пренесуваат, информираат од Министерство за финансии.

Од таму додаваат дека со измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, кои ги изготви Министерството за финансии, се утврдуваат права за надомест на штета на сопствениците на багажот и на пратките.

„Законските измени уредуваат и обврска за задолжително осигурување на дел од воздухопловите без екипаж – дронови. Со законот се опфаќаат дронови над пет килограми. На овој начин се заштитуваат граѓаните, доколку се предизвика материјална штета од управување со дронот.
Со овие измени се врши усогласување на Законот со европските регулативи од областа на цивилното воздухопловство“, се вели во соопштението.

Измените на Законот се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР, на кој сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари.

„Министерството за финансии ќе ги земе предвид и внимателно ќе ги разгледа сите сугестии пред пуштање во владина процедура“, додаваат од таму.