Свет Балкан Атина загрижена дека кризата во Турција може да доведе до нов бегалски...

Атина загрижена дека кризата во Турција може да доведе до нов бегалски бран

Кај грчката влада постои загриженост за потенцијално ново зголемување на бегалскиот бран од Турција по обидот за државен удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган. Иако владата јавно покажува воздржаност и смиреност, проценките се дека постои подготвеност за нов голем бран бегалци од турскиот брег, особено ако Турција одлучи да го прекрши мартовскиот договор со Европската Унија.

На фактот дека кризата во Турција може да значи зголемување на бројот на бегалци што доаѓаат на грчките острови, посочи и грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас, во говор во грчкиот парламент.

„Настаните во Турција можно е да имаат влијание на бегалското прашање. Ќе биде потребна обединетост на парламентот, со отстапки и од владата и од опозицијата, за да можеме навремено да се соочиме со ситуацијата бидејќи проблемот може да стане уште потежок. Ова не го велам за да создадам паника. Обврска на парламентот е да биде подготвен. Колку сме поумерени за ова прашање, толку подобро ќе можеме да се соочиме со него“, истакна Музалас говорејќи во парламентот, во кој изби кавга меѓу владата и опозицијата околу бегалското прашање и европските фондови за помош околу бегалската криза.

Покрај внатрешните проблеми во Турција по неуспешниот обид за државен удар, во Грција владее загриженост и во поглед на тоа како тие проблеми ќе се одразат на грчко-турските врски, особено поради ситуацијата со осумте турски војници кои бараат азил во Грција.

До утрово на Лезбос пристигнале 63 нови бегалци. Од саботата до денеска на Лезбос, Хиос и на Самос пристигнале вкупно 296 нови бегалци, што засега не се смета за загрижувачка бројка. Сепак, фактот дека бројките не се нула и бегалци сè уште доаѓаат, остава простор за загриженост кај грчката влада, особено во период кога островите се полни со домашни и со странски туристи.

Весникот „Катимерини“ пренесува дека грчкото минситерство за миграција сериозно работи на идејата од септември да се затворат 70 отсто од бегалските центри кои се наоѓаат во стари индустриски хали и имаат лоши услови за живот.

Планот е дел од центрите да се надградат и да се подобрат условите за живот таму, а други целосно да се затворат. Бегалците од нив ќе бидат префрлени во нови бегалски центри на кои се работи, а кои ќе бидат подобро опремени, со бунгалови наместо со шатори.

Ова ќе значи и намалување на процентот на бегалци во Северна Грција, каде засега има речиси половина од вкупно 57.556 бегалци во земјата.