Свет Асад: Не преговарам со предавници и со терористи

Асад: Не преговарам со предавници и со терористи

Сирискиот претседател Башар ал Асад рече дека не може да преговара со група која ја сочинуваат предавници и терористи. Со овие зборови тој го опиша високиот комитет за преговори што го формираше сириската опозиција и кој ја претставува на разговорите во Женева.

Асад рече дека групата е формирана во престолнината на Саудиска Арабија и во неа се претставници на одредени групи кои Сирија и Русија ги сметаат за терористички.

– Ниту една држава не може да прифати да одржува дијалог со терористи и некогаш нема да прифатиме да разговараме со терористи. Делегацијата што е формирана во Саудиска Арабија е сочинета со предавници и со терористи – рече Асад.

Тој претходно изјави дека никој не е способен во рок од една недела да осигури прекин на огинот во Сирија и додаде дека мирот подразбира спречување на напредување на терористичките групи.

Во седиштето на ОН во Женева кон крајот на јануари почнаа први индиректни мировни преговори на завојуваните страни во Сирија, за да се стави крај на петгодишната војна, за време на која убиени се повеќе од 260.000 лица, а раселени се околу 11 милиони лица.