Економија Аранжманите за Грција одат како алва, Македонците не ги тангира мигрантската криза

Аранжманите за Грција одат како алва, Македонците не ги тангира мигрантската криза

Мигрантската криза, односно приливот на бегалци преку Грција, нема некакво значително влијание врз работата на македонските туристички агенции. Закупот на раните туристички аранжмани се одвива нормално, така што летната сезона кај нашиот јужен сосед, барем засега, не може да се доведе во прашање.

– Реперкусии од мигрантската криза врз туризмот не се чувствуваат. Закупот на аранжмани се одвива нормално, има мало зголемување на цените од пет до седум отсто, кое се случува секоја година, а Грците го припишуваат на годишната инфалција. Во Грција, традиционално се очекува наплив на туристи од соседните земји – вели Мартин Петковски од туристичката агенција „Пет“.

Приливот на мигранти позитивно се одразил на превозниците, а нивниот зголемениот ангажман за возење од јужната до северната македонска граница, придонел за обновување на нивниот возен парк.

Според Петковски, неизвесна е туристичката сезона во Турција, така што сè уште се калкулира со понудите и со цените на хотелите таму.

Русите, кои биле најбројни туристи во Турција, годинава се пренасочиле кон Шпанија, па оваа туристичка дестинација станува многу поскапа за македонските туристи, за разлика од минатите години.