Македонија Апликацијата „МојДДВ“ сè уште нема Политика на приватност, од УЈП без одговор

Апликацијата „МојДДВ“ сè уште нема Политика на приватност, од УЈП без одговор

Управата за јавни приходи повеќе од еден месец не одговора на прашањето на „Мета“, дали ги применила препораките од страна на Фондацијата „Метаморфозис“ кои се однесуваат на подобрување на Политиката на приватност на апликацијата „МојДДВ“.

Имено, откако УЈП ја прмовираше оваа апликација, фондацијата „Метаморфозис“ реагираше дека ѝ недостасува Политика на приватност која на лесно разбирлив начин ги објаснува мерките кои Управата за јавни приходи ги презема за безбедност и заштита на личните податоци на граѓаните кои се обработуваат со користењето на апликацијата.

Согласно Генералната регулатива за заштита на личните податоци (General Data Protection Regulation – GDPR), тогаш беше препорачано контролорот Управа за јавни приходи да преземе соодветни мерки за да обезбеди во концизна, транспарентна и лесно достапна форма информација до граѓаните за тоа:

  • Кои се целите и законската основа за обработката на личните податоци и дали во иднина податоците може да бидат обработувани за други цели освен за користење на мобилната апликација „МојДДВ“;
  • Дали личните податоци ќе бидат откриени на други корисници надвор од Управата за јавни приходи;
  • Кои се роковите на чување на податоците од страна на Управата за јавни приходи;
  • Како граѓаните може да го остварат своето право на исправка и бришење на личните податоци кои ги дале за целите на користење на мобилната апликација „МојДДВ“.

Овие прашања се од широк јавен интерес имајќи предвид дека, од воведувањето на мерката на 1.07.2019 до 30.09.2019 година регистрирани се 170.378 корисници на апликацијата, а до 27 октомври има над 22,67 милиони скенирани фискални сметки.