Македонија Апелација сè уште ги чека жалбите од СЈО

Апелација сè уште ги чека жалбите од СЈО

Во Апелацискиот суд Скопје досега не пристигнала ниту една од жалбите на Специјалното јавно обвинителство и на одбраната на обвинетите на одлуките на кривичните совети за одбиените барања на СЈО за притвори и за мерки за претпазливост, велат за „Мета“ од второстепениот суд.

Инаку, СЈО и обвинетите првин ги доставуваат жалбите до Основниот суд Скопје 1, од каде потоа се препраќаат во Апелацискиот суд.

На прашање на „Мета“ колку жалби досега пристигнале, од Кривичниот суд ни рекоа дека за тоа треба да се обратиме до Апелација бидејќи тие по автоматизам ги испраќале предметите таму.

– Досега кај нас не пристигнал предметот, не сме добиле ниту една жалба – ни изјави Сафет Кадрии, судија на Апелацискиот суд Скопје, задолжен за односи со јавноста.

Специјалното јавно обвинителство досега до Апелацискиот суд (преку Основниот суд) поднесе 25 жалби против одлуките на кривичните совети на Основниот суд Скопје 1, со кои беа одбиени барањата за притвор на 18 лица, опфатени во случаите за кои СЈО минатата недела поднесе обвиненија.

Жалби најави и одбраната на обвинетите, кои не се задоволни со решенијата на Кривичниот суд за одземање на пасошите и за наметнување обврска еднаш неделно обвинетите да се јавуваат кај службено лице во судот.