Македонија Апелација потврди: Владата и ДИК ги дискриминирале лицата со попреченост

Апелација потврди: Владата и ДИК ги дискриминирале лицата со попреченост

Во просториите за гласање треба да има пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост

Фото: Мета.мк, 17 октомври 2021

Апелацискиот суд Скопје потврди дека Владата и ДИК направиле прекршување на правата на лицата со попреченост, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Апелациониот суд Скопје со пресудата од 30.10.2023 година во целост ја потврдил пресудата на Основниот граѓански суд Скопје од 31.03.2023 година.

Тоа фактички значи дека Владата и Државната изборна комисија (ДИК) сториле директна дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас. Директната дискриминација е направена „со непреземање, односно, со пропуштање да се преземат дејствија за приспособување на инфраструктурата и просторот до и во дел од избирачките места“, со што е повредено начелото на соодветно приспособување.

„На овој начин, тужените оневозможиле лицата со попреченост да го остварат нивното право на глас, а со тоа го попречиле и активното учество на лицата со попреченост во политичкиот живот на државата“, порачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Судот ги задолжи Владата и Државната изборна комисија, до распишување на следните избори, на избирачките места каде што досега тоа не е овозможено, да обезбедат пристапност, рамни патишта, паркинг места соодветно обележани со боја со висок контраст, поставување знаци и бројки на видно место во поголем формат со висок контраст или звучна сигнализација до избирачките места.

Исто така, треба да се обезбеди пристапност до просторијата за гласање преку поставување гелендери покрај скалилата и ѕидовите, инсталирање пристапни рампи, рачни шини, пошироки влезови, пристапен лифт или платформи кои се на нивоа и со скалила.

Во просториите за гласање треба да има пристапност во просторијата за гласање, нејзино еднакво осветлување, прераспределба на мебелот поради поголема можност за движење; поставување соодветно приспособени паравани за гласање и поставување на кутијата за гласање на соодветна висина за лица со физичка попреченост.

Ваквата судска завршница следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес. Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.