Економија Антикорупциска нема да ја гони министерката Ангеловска за подигањето на парите од...

Антикорупциска нема да ја гони министерката Ангеловска за подигањето на парите од Еуростандард банка

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) нема кривично да ја гони министерката за финансии Нина Ангеловска, поради повлекување на нејзините депозити од Еуростандард банка.

Според претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, не се пронајдени елементи за кривичен прогон, но се доведува во прашање етичноста, бидејќи министерката била во постојан контакт со гувернерката на Народната банка, која ја одзеде лиценцата на Еуростандард банка и побара отворање стечај.

Иако антикорупционерите не можеле со докази да утврдат дали Ангеловска добила навремена информација од Народната банка дека Еуростандард ќе биде ликвидирана, па затоа ги подигнала парите, тие гледаат причини за сомнеж во такво нешто. Затоа, Антикорупциска на новата влада ќе ѝ предложи промени во прописите, за да се избегнат слични ситуации во иднина.

„Ние не утврдуваме кривична одговорност, меѓутоа од етички аспект го покренуваме ова прашање на високо ниво. Сега ќе има нови членови во владата и за таа цел ќе дадеме препорака да се доуредат прописите, а особено меморандумот за соработка помеѓу Народната Банка и Министерството за финансии и останатите регулаторни тела, со што ќе се додадат уредби со кој ќе се регулира судирот на интереси, ќе се предвиди како тој ќе се спречи, а особено моментот, кој кажува дека одреден носител на функција има можност да располага со информации и тие да ги искористи за своја корист или да обезбеди предност за себе или некој друг“, рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на прес-конференција денеска.